There are no translations available.
Втора светска конференција за
меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог:
„Религијата и културата – нераскинлива врска помеѓу нациите”
6-9 мај, 2010 г., Охрид, Република Македонија
ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРИДОНЕСОТ НА РЕЛИГИИТЕ И НА КУЛТУРИТЕ КОН МИРОТ, МЕЃУСЕБНАТА ПОЧИТ И СОЖИВОТОТ – ОХРИД 2010
- Препознавајќи дека религиите имаат витална важност во охрабрувањето на пораките за сочувство и солидарност помеѓу заедниците, нациите, и државите,
- Нагласувајќи ја важноста на културата како израз на човеќката креативност, иновативност и интеракција и како основа за социјална кохезија,
- Имајќи ја предвид важноста да се овозможи меѓукултурен и меѓурелигиски дијалог, притоа јакнејќи го мирот, стабилноста и просперитетот, и да се промовира мирна и конструктивна соработка помеѓу сите нации во светот, со почит кон културните и религиските разлики,
- Повикувајќи се на одредбите на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и на Универзалната декларација за човекови права, и на другите релевантни одредби за човековите права,
- Повикувајќи се на Исходот од Светскиот самит од 2005 г, со кој се реафирмира Декларацијата и Програмата за акција за културата на мирот, како и Глобалната агенда за дијалог помеѓу цивилизациите и нејзината Програма за акција усвоени од страна на Генералното собрание на ООН и на вредноста на разните иницијативи за дијалог помеѓу културите и цивилизациите, вклучително и дијалогот за меѓуверска соработка и Алијансата на цивилизациите, каде се обврзаа на преземање активности за унапредување на култура на мир и дијалог на национално, регионално и глобално ниво,
- Повикувајќи се на Декларацијата за елиминација на сите форми на нетолеранција и дискриминација врз база на религија или уверување и на сите резолуции за елиминација на сите форми на нетолеранција и дискриминација врз база на религија или уверување освоени од страна на Генералното собрание на ООН,
- Поздравувајќи ја Резолуцијата 6/37 (декември 2007 г.) на Советот за човекови права на ООН,
- Поздравувајќи ја работата на Специјалниот известувач на ООН за слобода на религија и уверување,
- Поздравувајќи ја Резолуцијата 10/23 (март 2009 г.) на Советот за човекови права на ООН со која се утврди нова посебна постапка ‘Меѓународен експерт за културни права‘,
- Повикувајќи се на Декларацијата од Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓукултурен дијалог која се одржа во Охрид 2007 година,
- Истакнувајќи дека со Резолуцијата 62/90 на Генералното собрание на ООН, годината 2010 е прогласена за Година на зближување на културите, и убедени дека секој од нас мора да даде придонес во унапредувањето на културниот и на религискиот дијалог,
Ние, учесниците на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, одржана во Охрид, ја прогласуваме следнава Декларација:
Религијата и културата – нераскинлива врска помеѓу нациите:
- Ја потврдуваме нашата одлучност активно да учествуваме во јакнењето на мирот и соработката преку постојан дијалог и меѓусебна размена.
- Ја согледуваме потребата да се заштитат и поттикнат сите активности со кои се создаваат постови на поврзување и разбирање кои се издигаат над културните и религиските бариери.
- Се обврзуваме дека ќе развиеме меѓуцивилизациски и меѓурелигиски диалог преку градење и јакнење на меѓусебни размени и ширење добри практики, особено во рамките на нашите сопствени заедници.
- Сме посветени да обезбедиме образовни, социјални и економски можности за новите генерации, кои ќе гарантираат мирен соживот и одржлива иднина.
- Сите учесници, кога е можно, ќе охрабруваат меѓукултурни настани и активности со цел да се промовира толеранција и соживот и ќе се борат против сите појави на предрасуди, нетолеранција и исклученост.
- Ја потврдуваме нашата поддршка за декларацијата усвоена за време на Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која инспирираше отворен дијалог, јакнење на соработката и негување на меѓукултурен дијалог.
- Ја охрабруваме македонската влада и македонските граѓани да продолжат со вредните искуства кои се однесуваат на успешниот меѓурелигиски соживот.
Улогата на религијата и културата во трансформацијата на општеството: - Со оглед на тоа што секоја култура и религија имаат посебни квалитети и карактеристики, и се развива во различни општествени средини, мора да ги намалиме лажните перцепции за овие разлики и културниот јаз и да промовираме заемно почитување меѓу заедниците и народите.
- Ја истакнуваме улогата и важноста на меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог за промовирање на човековите права, особено засилувајќи го правото на слобода на мисла, свест, религија и верување, и за справување соо глобалните предизвици како на пример предизвиците пред мирот, безбедноста, сиромаштијата, одржливиот развој итн.
Јубилеи на важни личности и настани: - Ние го почитуваме јавното прикажување на верските симболи или прославата на верските празници. На нив не треба да се гледа како на, ниту да се користат како на напад брз другите религии, ниту пак како закана за општественото единство.
Почитувањето на верските права и на културната различност како основа за мир и просперитет. - Ги повикуваме сите влади и граѓански општества да го зголемат учеството на жените во сите одлучувачки процеси, во јакнењето на заемното разбирање помеѓу културите, во борбата против стереотипите, нетолеранцијата и предрасудите, со мирно разрешување на конфликтите и овозможување на процеси на градење на мирот.
- Се залагаме за подобрено и квалитетно образование за сите, особено за децата и младите. Ние ја истакнуваме улогата на образованието за мир, слобода и човекови права, како и стекнување на знаења за религиите и верите заради создавање основа за толеранција, меѓусебна почит и разбирање во дух на отвореноста и вклученоста.
- Уверени дека верската нетолеранција претставува бариера за сигурноста и безбедноста на сите луѓе, за слободата на размислување, изразување и слободен пристап до информации како и до постоењето на слободни и плуралистички медиуми, ја истакнуваме потребата да најдеме и спроведеме нови начини, да промовираме религиска толеранција и да ја препознаеме важната улога која медиумите може да ја одиграат во овој процес.
Затоа: - Изразуваме благодарност до македонскиот народ и македонската влада за нивното гостопримство и успех во меѓурелигискиот соживот.
- Испраќаме порака до сите институции на ООН и апелираме за нивната постојана посветеност за афирмацијата на меѓурелигискиот, меѓукултурниот и меѓународниот дијалог.
- Ги повикуваме сите учесници да ги зголемат своите напори за да се унапреди спроведувањето на одредбите на оваа Декларација на национално, регионално и глобално ниво.Го охрабруваме.
- Меѓународниот комитет да создаде форум за дијалог кој може да им се стави на користење на сите делегати од првата и втората светска конференција. Целта е да се овозможи на учесниците да се во контакт и да се одржи дијалог меѓу конференциите.
- Декларацијата за унапредување на религијата и на културата како придонес кон мирот, меѓусебната почит и соживот – Охрид 2010 ќе биде дадена на Генералното собрание на ООН, Главниот претставник на генералниот секретар на ООН за Алијансата на цивилизациите, Организацијата за образование, наука и култура при ООН (УНЕСКО), Европската унија, Советот на Европа, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Лигата на арапските држави, Организацијата за економски развој (ОЕД), Африканската унија, Асоцијацијата на државите од Јужна Азија, Конференцијата на европските цркви (КЕК), Светската муслиманска лија, (СМЛ), Организацијата на исламската конференција (ОИК), Организацијата на американските држави, Светскиот совет на црквите, Меѓународната франкофонска организација, и на другите регионални и меѓународни организации, како и на владите на државите-членки на ООН.
Охрид, 8 мај, 2010 г.
Declaration









