Министер за Култура на Република Македонија
Елизабета Канческа-Милевска
Почитуван г. г. Стефан, архиеписокоп охридски и македонски,
Почитуван Реис Ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, претседател на Исламската верска заедница во Република Македонија,
Почитуван монсињор Киро Стојанов, скопски бискуп и апостолски егзарх во Република Македонија,
Почитуван Михаил Цеков, главен проповедник на евангелистичко-методистичката црква во Република Македонија,
Почитувана Бјанка Суботиќ, претседател на Еврејската заедница на Македонија,
Почитувана валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи на Република Македонија,
Почитувани духовни лидери од сите светски религии,
Почитувани членови на меѓународниот комитет,
Почитувани претставници на меѓународните организации, ООН, УНЕСКО и Советот на Европа,
Почитуванa Вилма Трајковска, основач на меѓународната фондација „Борис Трајковски“,
Почитувани Eкселенции,
Почитувани професори,
Дами и господа,
Во текот на изминатите денови, низ особено плодна дискусија, преку размена на искуства, сознанија, претставниците на сите светски религии, експертите, еминентните членови на меѓународните организации уште еднаш, на дело, го потврдија фактот дека културата и религијата се најмонолитните фактори на мирот, соживотот, просперитетот и благосостојбата. Новите можности за комуникација кои ги откривме на оваа светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, по усвојувањето на новата декларација, несомнено ќе го помогнат во процесот на одржување на континуитет во дијалогот, кој се наметна како основна придобивка од оваа конференција.
Би сакала да потенцирам дека како домаќини на оваа конференција многу сме задоволни што иницијативата за овој собир ја прифатија и со своето учество ја потврдија над 300 мисионери, претставници од сите религии од над 30 земји во светот, од неколку континенти, од голем број на меѓународни организации, експерти, професори. Тоа се вистински верски и религиски лидери, културни и научни авторитети, истражувачи и мислители од духовното, социјалното и културното поле.
Но, во прв ред, тоа се добронамерници, визионери на еден свет на дијалог, толеранција, разбирање и доверба во фактот дека нема култура без религиозни елементи и нема религија која нема свој културен израз. Накратко, дојдовме сите во Охрид, во Република Македонија, на овој собир, за да со своето учество, размисла, искуство, комуникација, добри намери и корисни предлози дадеме придонес и прилог во изградбата на како што минатиот пат наведе поранешниот бугарски претседател, филозофот Жељу Желев, еден модел на цивилизација на мир, толеранција, разбирање и соживот, религиска духовност и меѓукултурна зависност кон што сите заедно се стремиме.
Зошто во Охрид и Македонија?
Затоа што и многумина учесници на двете светски конференции , посебно на оваа, вчера и денес, го истакнаа Охрид и Македонија како место на духовноста, на раѓањето на цивилизациските вредности на писменоста, образованието, културата, на соживотот и активната коегзистенција на верите и традициите но, и на практичниот мултикултурализам.
Нашите верски и политички лидери, вчера и денес ве запознаа со тоа, што се Македонија прави за да ја унапреди не само коегзистенцијата, туку и синергијата на нашиот народ и граѓанството, на православното и католичкото христијанство, на исламот и муслиманството, на протестантизмот и јудаизмот, на сите други помали конфесии. Во Македонија се застапени сите тие, Македонците и сите етнички заедници им припаѓаат на сите нив - колку Македонците, толку и Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите.. Охрид со својата светска историја, со традицијата на словенската писменост и македонската државност, со своите цркви, манастири, џамии, со својата блага природа, клима и мирен амбиент - навистина ги заслужува тие пофалби, затоа што Македонија од многумина е наречена лулка на мултиетничката и мултикултурната егзистенција и политика во Европа.
Почитувани,
Континуитетот на одржувањето на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог поттикнува и ќе поттикне одржување на други регионални и светски состаноци на тема дијалог помеѓу религиите, различните култури и цивилизации на ниво на Влади, верски лидери и уметници и како верижна реакција во позитивна смисла, ќе можеме да дознаеме повеќе за проблемите и желбите на нашите соседи, за да можеме подобро да ги разбереме.
Цврсто сум уверена дека можностите создадени и етаблирани на оваа конференција ќе трасираат многу патишта кон успехот. Владата на Република Македонија со своето континуирано покровителство на заложбите за мир и дијалог помеѓу религиите и цивилизациите, на дело ја потврдува глобалноста на идиомот...делувај локално. Резултатите се веќе тука и се чувствуваат дури и во периодот кога светската рецесија се потруди да ја намали моќта на дијалогот, се разбира ...безуспешно бидејќи низ дијалогот многу побрзо и посеопфатно се согледуваат сите ракурси на проблемите, а колку побрзо стануваме свесни за нештата, толку побрзо можеме да ја превземеме контролата над нив.
Конкретните настани на оваа конференција ни ги доближија теоретските претпоставки кон праксата, а присуството на претставниците на верските заедници од повеќе земји во светот, е доволна потенцијална енергија да веруваме дека до следната ваква средба во 2013 година, многу проблеми и јазови помеѓу сите нас ќе бидат премостени токму со рационалноста и продуктивноста на дијалогот.
Дозволете ми на крајот да ви се заблагодарам за вашето присуство и големото искуство кое го вложивте во реализацијата на оваа Втора светска верска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Ја користам оваа можност да ве поканам, повторно, во 2013 година да ја посетите Република Македонија и да бидете активни учесници на Третата светска конференција. Министерството за култура на Република Македонија и во иднина , како и досега, ќе продолжи да ги промовира вредните артефакти од оваа глобална платформа за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и пред македонската и пред светската јавност. Периодот до третата верска конференција верувам дека сите ќе го искористиме во насока на испитување на вредноста на новата декларација. Им го честитам изборот на новите членови на меѓународниот комитет и Ви благодарам за присуството.
Ви благодарам.










